Група граѓански активисти од Битола од црвениот тепих на фестивалот „Браќа Манаки“ ја испратија пораката дека крајно време е Битола да почне да живее, пренесе МКД.мк.
– Кажете им на облаците дека Битола умира, нека знаат Милтон, Јанаки, Такецо, Пепи Бафтировски, Ајри Демировски, Сашка Петковска… дека песните за неа сега се таговни, а ние битолчани сме расплакани. Кажете им на облаците дека Битола умира на улица, на училиште, на работа, на театар, на кино, на фудбал, на ракомет… – порачаа активистите.
Жолтиот балон и пораката на годинешното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ (Tell the clouds) беа искористени од оваа група за модификација на пораката. Синоќа на црвениот тепих, а и низ градот граѓанските активисти испратија и една поинаква пораката. На нивните жолти маици е испишана пораката Tell the clouds Bitola is dying! – Кажете им на облаците Битола умира!
– Битола умира поради негрижата кон градот и масовното иселување поради загадувањето, а оваа порака го изразува огромното незадоволство на граѓаните кои сметаат дека е крајно време Битола да почне да живее и битолчани да дишат чист воздух.
Битола умира чекајќи да дојдат подобри времиња со загадувањето. Во сите области се неопходни промени. Сакаме да порачаме дека градот е заборавен. Секојдневно се соочуваме со иселување, заболувања. Заборавен е во цела Македонија и сакаме да потсетиме дека постои. Не ни е целта да го бојкотираме фестивалот. Напротив тој мора да постои. Сакаме да укажеме дека Битола живее само таа недела додека е фестивалот. -велат граѓаните на Битола.