Магазин 16. јуни 2020. / 11:30

Финале на „Cross štream“ со „Црнила Remix“

Финале на „Cross štream“ со „Црнила Remix“
Вечерва ќе се одржат последните два online концерти во склоп на меѓународната програма Cross štream во соработка со Kino Šiška од Љубљана.

Финалето започнува во 21:00 со бендот Pijammies од страна на Kino Šiška, а завршува со нашиот хип-хоп музичкo-драмски перформанс – Црнила Remix чиј почеток е закажан за 22:15, велат организаторите.

Pijammies се едно од најслатките откритија во словенечката музика во последните неколку години. Овој слободномислечки, далекусежен и крајно енергичен музички колектив се стреми кон стилска отвореност и слободно изразување. Свираат мешавина од џез, фанк и фјужн, како кај легендарните Weather Report, како и кај нивните современици Snarky Puppy. Класичниот и џез израз се гледа во нивните глатки композиции, свежиот пристап и особено нивниот постојан нагон да истражуваат. Заробени од нивниот еклектицизам и ритмичка затегнатост, немате друг избор освен да зјапате со стравопочит или да се препуштите на танцот.

Црнила Remix е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналниот препев и музика на Зад Аголот нè носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп субкултурата. Освен како театарска претстава и концерт, албумот веќе има и свое vinyl издание.

 

Идеја и режија: Јордан Симонов

Музика и препев: Дарко Димитриески и Павле Димковски („Зад Аголот“)

Улоги: Луков – Стефан Вујисиќ

Фезлиев – Александар Михајловски Хонда

Иван – Владимир Петровиќ

Методи – Горан Ников

Младичот – Ненад Анѓелковиќ

Неда – Сања Арсовска

Христов – Павле Димковски