Ентони Фаучи, директорот на Институтот за алергии и заразни болести на САД, смета дека вакцинацијата против Ковид-19 може да биде задолжителна за патувања, но и понатаму не е сигурен дали вакцината го запира ширењето на вирусот и препорачува луѓето да продолжат да носат маски.
-Ќе се дискутира за сè, рече Фаучи за Њузвик на прашањето за обврската за вакцинирање на локално ниво, како и за патувањата.
Иако тој не верува дека ќе има наредба од највисоките органи за вакцинација, бидејќи САД скоро никогаш „не издаваат наредби на федерално ниво“, Фаучи сепак верува дека одделни институции ќе бараат вакцинација и доказ за вакцинираност.
-На пример, вакцините против обичен грип и хепатитис Б се задолжителни во многу болници. Тука во Националниот здравствен институт јас немаше да можам да ги гледам пациентите ако не се вакцинирав секоја година против грип и хепатитис Б, истакна Фаучи.
Доколку доволен број болници и организации побараат вакцинација, тогаш нема да има потреба од федерална наредба, бидејќи ваквите потези ќе дадат ист резултат.
Фаучи рече и дека не може со сигурност да тврди дека вакцините што моментално постојат можат да ги заштитат луѓето од ширење на вирусот. Поради тоа, одредени јавноздравствени мерки воведени во текот на пандемијата, како социјалната дистанца, носењето заштитна маска, како и намалениот број патувања, мора да останат.
-Поради тоа постојано велам дека и кога ќе се вакцинираме, не треба да ги укинеме претходно донесените мерки, бидејќи сè уште не е познат ефектот на вакцината врз ширењето на вирусот, рече Фаучи.
Повеќе од 3 милиони луѓе во САД досега примиле вакцина против Ковид-19.