Магазин 08. декември 2019. / 10:45

Ентони Џошуа го разби Енди Руиз за повторно да биде крал во тешка категорија

Ентони Џошуа го разби Енди Руиз за повторно да биде крал во тешка категорија

Британскиот боксер Ентони Џошуа (23-1, 21 КО) си ги врати титулите во тешка категорија, откако на поени го совлада Американецот Енди Руиз (33-2, 22 КО) во реваншот меѓу двајцата боксери.

Со ваквиот исход на борбата, ремените на Светската боксерска асоцијација (ВБА), Меѓународната боксерска федерација (ИБФ), Светската боксерска организација (ВБО) и Меѓународната боксерска организација (ИБО) останаа во сопственост на Руиз само 6 месеци. Тој ги освои во јуни кога во првиот меѓусебен дуел го совлада Џошуа со нокаут.

Половина година подоцна, 30-годишниот Џошуа покажа многу поразновидна борба, го промени своето однесување и заслужено победи, иако не го нокаутираше боксерот со мексиканско потекло.

Британскиот боксер забележа исклучително техничка и претежно тактичка победа со едногласна одлука на судиите (118-110, 118-110, 119-109).

Веднаш по борбата, Руиз призна дека не бил добро подготвен за борбата и побара трет дуел со Џошуа.

– Сакам трет натпревар против Ентони Џошуа! Нема да барам оправдувања, затоа што АЈ беше подобар, ова беше неговата ноќ. Тој ме „играше“ добро, се движеше, го бркав. За третиот натпревар ќе бидам во најдобра форма, ќе бидам посветен, ќе тренирам повеќе со мојот тим. За овој натпревар тренирав сам. Благодарност до сите кои вечерва ме поддржаа – изјави Руиз по мечот.