Британските медиуми имаат двојни стандарди при објавувањето новости за војвотката од Кембриџ, Кејт Мидлтон, и за војвотката од Сасекс, Меган Меркл, тврди популарниот веб-сајт Bored Panda, додавајќи притоа дека не е лесно да се биде дел од британското кралско семејство.
Споредувајќи ги насловите во едни и исти медиуми, јасно се гледа дека тие ја фалат Кејт, но ја критикуваат Меган за едни и исти работи. А, еден од најсериозните примери е однесувањето на војвотките за време на нивната бременост.
На фотографијата лево пишува „Нема време! Бремената Кејт грижливо го милува својот стомак за време на кралските должности“. Во апсолутна иста ситуација е „фатена“ и Меган Меркл, но насловот (десно) гласи „Зошто Меган Меркл не може да ги одвои рацете од својот стомак? Експерти размислуваат за прашањето, што ја натера целата нација да зборува: дали од гордост, од суета или едноставно од глума?“. И двата наслова се објавени во еден ист медиум.
Повторно околу бременоста на двете војвотки британскиот таблоид „Експрес“ за Кејт Мидлтон пишува:„Што е тајното оружје на Кејт за утринската мачнина? Принцот Вилијам нарача авокадо како подарок за бремената војвотка“. Насловот за Меган, меѓутоа, звучи сосема поинаку:„Омиленото авокадо на Меган Меркл е поврзано со прекршување на човековите права, сушата и срамот“.
Друг пример покажува наслов повторно во „Експрес“. Тој гласи „Чекор претерано далеку: Меган Меркл жестоко критикувана, зашто ги ставила рацете во своите џебови“. На фотографијата од десната страна на колажот, пак, се гледа самата кралица Елизабета II…со рацете во џебови.
Наведени се и други примери, но најшокирачки се насловите, што се однесуваат на односите во кралското семејство и кој каде ќе ги празнува Божиќните празници.