Македонската пресметка во АБА 2 лига му припадна на МЗТ Скопје кој славеше против Работнички со 84-82 во меч од осмото коло. И двата тима одиграа како што доликува кога станува збор за нивните дуели. Квалитет немаше премногу, но неизвесноста ја имаше во голема доза, особено во последните 12. минути од натпреварот.
Дуелот почна очекувано, со бројни пресврти. Избраниците на Ѓорѓи Кочов поведоа со 5-0, но Работнички брзо ги консолидираше своите редови, имаше позитива од плсу осум (9-17), по првата четвртина беше 17-21. Следниот период мина во знакот на „сино-белите“, далеку подобрата реализација и одбрана им донесе позитива од 39-31, на одморот беше 41-34.
МЗТ Скопје продолжи во ист ритам во 21. минута поведе со двоцифрени 44-34, а потоа и со 47-36. Иако се чинеше дека сликата нема да се промени, сепак две минути до крајот на третата четвртина, „црвено-белите“ се разбудија, со тројката на Николовски, петте поени на Балмазовиќ и тројката на Мулалиќ направија серија од 11-0 и намалија на 63-61 за возбудлив финиш.
Налетот го прекина Бојан Крстевски за 65-61, откако Работнички не искористи две шанси да израмни. Младеновски и Мулалиќ по подолго време го вратија водството (65-66), но МЗТ Скопје брзо се врати. Кошаркарите на Димитар Мираковски не застанаа, напротив на средината на последната четвртина, по намерната лична грешка на Дамјан, Питс израмни на 70-70, Балмазовиќ зголеми на 70-73.
Тимот од Аеродром ги казни промашувањата на противникот, Олуџоби со четири слободни фрлања и Крстевски донесоа водство од 76-73 на неполни четири минути до крајот. Мираковски повика тајм-аут, по кој неговиот тим дојде на плус четири 76-80 во 38. минута. Младеновски беше креатор на четири поени, додека Мулалиќ погоди тројка.
Не беше доволно ова, две грешки во низа, беа доволни за нов пресврт, Крстевски и Магдевски вратија за 81-80. Последниот напад го имаа „црвено-белите“, Питс промаши, Балмазовиќ направи неспортска лична грешка. Дамјан од линијата за слободни фрлања за 84-80. Младеновски постигна два поени и ги постави конечните 84-82, немаше време за целосен пресврт.
Во следното коло Работнички игра против Сутјеска, додека МЗТ Скопје ќе ги одмери силите со Ловќен.