Свеченоста за 93. доделување на Оскарите следната година е преместена од февруари на крајот на април.
Новиот датум за доделувањето е 25. април. Првичниот датум – 28 февруари, сега е новиот одреден датум кога филмовите ќе почнат да се прикажуваат за влез во трката за номинации.
Како што објавија од Американската академија за филмски уметности и наука, таквата одлука е донесена поради епидемијата на корона вирусот.
Корона-епидемијата уште во март ги затвори кината, но и филмските студија во цел свет.
Се надеваме дека тоа што го продолживме периодот за избор на филмови и го променивме датумот на свеченоста, ќе им даде флексибилност на филмаџиите да ги завршат филмовите и да почнат со прикажување – значи, да не бидат казнети за нешто што е вон чија било контрола – порачуваат претседателот на Академијата, Дејвид Рубин и извршната директорка Даун Хадсон.
Поместено е и отворањето на Академијата музеј за филмови – од декември 2020 на 30 април наредната 2021 година.