Помина една недела откако Диего Армандо Марадона не е веќе со нас. Раскажани се многу приказни, немаше човек од светот на спортот, а посебно од фудбалот да не каже нешто за Диего. Се изначитавме неверојатни приказни, а една од нив е дека најдобриот фудбалер на светот на сите времиња потекнувал од овие простори, т.е. од Балканот.
Зарем е можно, зарем Диего по потекло, и тоа од мајчина страна навистина потекнувал од Хрватска , поточно од островот Корчула.
Инаку приказната, се разбира доколку е вистинска, оди е следнава:
Неговиот прадедо по мајка се викал Матеј Кариолиќ, и роден бил на Корчула, од каде е и Марко Поло. Тој Матеј емигрирал во Аргентина, како и многу други од Балканот, и таму го променил името во Метју Кариоличи. Неговата ќерка, која ја добил во Аргентина, се викала Салвадора Кариоличи и била во брак со Рамон Франко, а во тој брак родена е Диеговата мајка Далма (така се вика и една од ќерките на Диего). Интрересно е тоа што во тоа време многу девојчиња кои потекнувале од Далмација го добивале името Далма.
Инаку целото име на мајката на Диего е Далма Салвадора Франко.
Навистина интересна приказна, која на прв поглед делува како научна фантастика, но којзнае.
Можеби е вистинска.