Македонски Вардар вторпат во својата историја стана европски првак. Во финалето падна Веспрем, а по натпреварот, Тимур Дибиров не ја криеше среќата и задоволството од постигнатиот успех, ако се земе предвид како изгледаше сезоната на „црвено-црните“.
Беспарица и неизвесност беа над името Вардар, многумина се сомневаа во ракометарите, но тие успеаја да го направат она што за многумина изгледаше невозможно. Се пласираа на Ф4 во Келн, ја победија Барселона, а потоа и Веспрем.
–Имавме пократок ростер, но ние летавме на терен затоа што Вардар за нас е живот. Имавме одличен натпревар, дојдовме на врвот. Ако после оваа титула никој не ни помогне да ја средиме ситуацијата, тогаш сите да ги соблечеме патиките и да ги завршиме кариерите. Ако некој остане рамнодушен по ова, тогаш не знам што да кажам. Оваа титула е поголема од првата, затоа што знаеме низ што се минавме. Среќни сме што си го остваривме сонот, изјави Дибиров.
За Вардар ова беше втора европска титула по онаа во 2017 година, кога во супер-драматичен Ф4-турнир, како дебитант, ги победи Барселона, а потоа и ПСЖ.