Магазин 24. јуни 2020. / 10:27

Дејан Пројковски ја поставува „Дервишот и смртта“ во Бања Лука: Максимално ќе го отвориме и пренесеме светот на Меша Селимовиќ на сцената

Дејан Пројковски ја поставува „Дервишот и смртта“ во Бања Лука: Максимално ќе го отвориме и пренесеме светот на Меша Селимовиќ на сцената

Македонскиот режисер Дејан Пројковски продолжува со театарски спектакли на Балканот и пошироко, а претставата “Дервишот и смртта“, која во моментот ја подготвува во Народниот театар на Република Српска, ќе ја има својата премиера на 2 септември во тврдината Кастел во Бања Лука. Токму со оваа претстава, базирана на романот на Меша Селимовиќ, ќе почне програмата за одбележување на 90-годишнината од постоењето на оваа национална установа која повторно започна со работа по неколкумесечната пауза предизвикана од епидемијата на коронавирусот.

Според заменик-министерката за култура на Република Српска Тања Ѓaковиќ претставата ‘Дервишот и смртта`е еден од најважните проекти на Народниот театар во Бања Лука за оваа година, а претставата, додава, ќе биде големо искуство и задоволство за сите љубители на театарот. Таа на прес-конференцијата на која беше најавен новиот театарски спектакл на Пројковски, истакна и дека ресорното министерство ги обезбедило сите потребни суми за реализација на претставата.

Уметничкиот директор на овој театар, Владимир Ѓорѓевиќ, за претставата потенцира дека е голем и тежок проект, додавајќи дека публиката ќе биде пријатно изненадена.

Тој претходно изјави дека Дејан Пројковски е познат во регионот по тоа што работел големи спектакли, како што се „Ана Каренина“ во Нови Сад и „Браќа Карамазови“ во Софија, така што очекува и од оваа претстава на посебен начин да направи вистинско уметничко дело.

Истовремено изрази задоволство што претставата ќе ја режира Пројковски и истакна дека овој режисер е познат по богатото искуство со работа на претстави по дела на светски книжевни великани.

За Пројковски, пак, кој ги објави сликите од претставата на својот фејсбук-профил, истоимениот роман и Меша Селимовиќ ја покажуваат смислата на постоењето на нашата цивилизација. Тој додава дека се работи за проект кој бара многу работа.

Ние го работиме `Дервишот и смртта` во оригинал и тоа е навистина голема работа, чест и одговорност. Правејќи ја оваа претстава во форма на спектакл, се обидуваме максимално да го отвориме и да го пренесеме светот на Меша Селимовиќ на сцената и да создадеме театарски јазик кој е соодветен на романот, истакна Пројковски.

Тој посочи дека се создава многу интересна сценска естетика со огромен играчки ансамбл, кој е и главен адут на претставата.