Магазин 26. декември 2019. / 19:45

Дедо Мраз на мотор“ по 12-ти пат во Куманово

Дедо Мраз на мотор“ по 12-ти пат во Куманово

Мото клубот „Мечки“, годинава по дванаесети пат ја организираше хуманитарната манифестација „Дедо Мраз на мотор“.

Членовите на мото клубот денеска донираа новогодишни пакетчиња за 24 корисници  на услугите на Дневниот центар за деца со посебни потреби, кој е под надлежност на МТСП, лоциран кај градинката во близина на поранешната фабрика „Чик“.

– Долги години сме заедно, им посакуваме многу среќа во наредната година. Дониравме и дуксери со логото на клубот. Се надеваме дека ќе продолжиме традицијата и нема да застанеме-вели Столе Јакимовски од „Мечки“.

Во дневниот центар услугите ги користат 24 деца со различна попреченост, умерена, тешка и со комбинирани пречки во психофизичкиот развој. За корисниците се грижи стручен тим  составен од психолог, педагог, дефектолог,социјален работник,медицинска сестра и физиотерапевт. Оттаму изразија благодарност за донацијата и велат дека дружењето на децата со моторџиите е традиционално и освен пред новогодишните празници се реализира постојано, во текот на годината.

– Неопислива е средбата на нашите корисници со моторџиите. Секогаш не радуваат, вели педагогот од дневниот центар, Линдита Халими.

Од стручниот тим најавија дека во моментов работат на создавање услови за отпочнување на процес на работно ангажирање на лицата со попреченост.