Репрезентацијата на Македонија извиси ако ништо друго за шанса да се надигрува со „ранетата“ Франција за пласман на Светското првенство во Египет. Момците на Брестовац поради корона-кризата останаа без квалификацискиот бараж, но беа ставени во „чекалната“ и како прва резерва чекаат откажување.
Иако шансите се мали, Данило Брестовац ја собра репрезентацијата за подготовки. Двата теста со Чиле беа успешни и Македонија на млад погон славеше две победи. Дополнително беа повикани уште неколку поискусни имиња, со цел репрезентативниот табор да биде спремен и на готовс да чека откажување на било која селекција. Можеби составот на играчи не е најсилен, но склопот на талент и искуство може да биде идеален за градење на нова генерација за репрезентацијата.
Преку Шведска, Чешка, па сега и Соединеттите Американски Држави се раѓаше надеж дека Македонија може на Мундијалот. Сепак, помалку реална опција е дека европска селекција ќе го откаже патот во Египет, пред сè бидејќи речиси сите учесници имаат втор, па и трет тим за избор и настап. Таков не е случајот со репрезентациите од другите континенти и тоа е шансата за Македонија.
Нам ни преостанува само да чекаме, па иако Светскиот шампионат стартува утре, надеж има сè додека сите селекции не пристигнат и се тестираат во Египет. Брестовац и момците се спремни и на готовс само чекаат повик за кој сè уште има време да стигне. Можеби во моментов репрезентацијата не е спремна за борба за висок пласман на Мундијалот, но нема сомнение дека ако му се даде шанса, Кирил Лазаров ќе ја води младата Македонија до респектабилна претстава.