Завршуваат повеќегодишните конзерваторски работи за заштита на црквата „Свети Никола“ во Зрзе во непосредна близина на зрзевскиот манастир „Свето преображение“.
Во завршна фаза е препокривањето на црквата која датира од 1535 година, всушност кога е живописана.
Според конзерваторот-советник, архитект Кире Јованоски од прилепскиот Завод и музеј, црквата е полна со посебности, а една од најголемите е што има фреско-икона која е два века постара од црквата.
-Црквата е меток, или имот, на манастирот „Свето преображение“ во Зрзе. Со развојот на манастирот Зрзе, со живописот, истовремено се работело во црквата. Посебноста на оваа црква е што е изградена на постари темели. Со сигурност се знае дека е живописана 1535 година од сликарот Онуфрие и чинот насликан од Јован. Се издвојува една посебност што на северната страна, во нишата, е вградена Богородица од Игитрија и ја нарекуваме фреско-икона и датира од 1369 година од сликарот Драгослав кој се поврзува со манастирот Зрзе. Оттука произлегуваат дилемите како фреската која речиси два века е постара од црквата како стигнала овде, во црквата. При процесот на конзервација порано, дојдов до првото сознание и откритие дека оваа фреско-икона лежи на празна подлога. Според бордурата може да се констатира дека оваа фреско-икона припаѓа на келиите под манастирот Зрзе, а е вградена во Црквата. Можеби тогаш келиите биле и напуштени, па за да не пропадне и да не се уништи, а констатиран е фрескоживопис во келиите, решиле да ја вградат во нишата од црквата и засекогаш да ја сочуваат, објаснува Јованоски, за тоа како се нашла во неа.
Инаку, монашките ќелии под манастирот Зрзе датираат од 9 век со зачетоците на монаштвото кај нас.
Фасцинира и отвора приказни што црквата има и параклис. Една од приказните е дека монасите доаѓале на едно место за утринска, на друго за вечерна молитва.
Во 19 век, за да се заштитат фрескоживописите од временските прилики, изграден е и тремот на црквата и денес е целина. Живописот спаѓа во еден од подобрите и поквалитетните начини на изразување.
Оваа година се заокружува процесот на конзервација за комплетната заштита на Црквата. Заштитата е низ фази. Прво почна со покривната конструкција, потоа со дренажа, па промена на подот со камени плочи. Препокривањето на црквата „Свети „Никола“ во Зрзе е крајна фаза со која стручните лица од Музејот сметаат дека е пресудно за заштитата со што се смета дека ќе се продолжи животот на црквата стара речиси пет века.