Бившиот крал на Белгија, Албер II, и официјално призна дека има незаконска ќерка со што им стави крај на шпкулациите, кои долго време постојат во јавноста. ДНК тестот потврди дека Делфин Боел е биолошко дете на 85-годишниот Албер II, кој во 2013 година, заради влошеното здравје, го напушти престолот во полза на својот син. Вчера бившиот крал, преку својот адвокат, јавно и стави крај на 7-годишната правна битка, признавајќи ја 51-годишната Делфин за своја ќерка.
Боел, која е позната белгиска уметничка и скулпторка, водеше долга битка за признавање на родителството. Во ноември 2018 година, судот во Брисел одлучи дека кралот мора да подлежи на ДНК анализа. Во мај 2019 година, Апелацискиот суд донесе одлука дека бившиот монарх ќе биде казнет со по 5.000 евра дневно ако продолжи да го игнорира ДНК тестот. По ова, тој конечно мораше да се согласи со анализата и сега се најде принуден да ја признае Делфин за свое четврто дете.
Мајка на Делфин е баронесата Сибил де Селис Лонгчамп, која потекнува од аристократско белгиско семејство на грофови и сопруга на богат индустријалец. Гласини за нејзината врска со бившиот монарх за првпат се појавија во 1999 година, откако беше објавена биографијата на кралицата Паола. Истата година во своето Божикно обраќање до нацијата кралот го спомена неверството од минатото, додавајќи дека со кралицата Паола имале „криза“ во текот на 60-тите години, што речиси им го уништила бракот. Но, додаде дека обајцата им одолеале на брачните проблеми.
На денот кога пред 7 гоини кралот Албер абдицираше, и мајката на Делфин Боел во ТВ-интервју за првпат проговори за вонбрачната врска со монархот. Се верува дека врската на Албер и Сибил де Селис траела 18 години-од 1966 до 1984.