Во издание на „Бата прес“ на македонски јазик се објави книгата за деца „Слаткарницата на кривогледиот Џим“ од чешкиот писател Марек Томан. Делото од чешки го преведе Мирјана Наумовски (Мими Наум), а неговото објавување во рамките на проектот „Креативна Европа“ е поддржано од Европската унија, македонското и чешкото министерство за култура.
Дејствието се одвива во Америка, на Дивиот Запад. Во слаткарницата на кривогледиот Џим, служат свежо кафе, торти и јајца. Но таму се стекнуваат и книжевни и читателски навики. Откако во градот пристигна библиотекарката Боженка, таа отвори библиотека дури и во затворот и животот го направи поподнослив за најтешките криминалци. Срцата на негативците се насочија кон групните читања и претставувања на литературни дела од Шекспир, Карл Мај, Достоевски, Александар Дима… Дури и нивните вкусови почнаа да се менуваат. Како и да е, оваа хармонија ја наруши Данте Ласицата Шекспир, најголемиот литературен гангстер на сите времиња. Тој ги краде сите книжевни текстови. Заедничката борба со дружината книгољупци завршува со победа на згодната чешка библиотекарка. Култивираниот дух на нивните литературни средби го облагороди градот. Авторот Марек Томан маестрално ги ткае пародиите и фразите, обрнувајќи внимание на квалитетната и на другата светска литература, бидејќи тие имаат сила кај децата и младите да предизвикаат љубов кон книгата.
Марек Томан (1967) е чешки прозаист, поет и преведувач. Студирал филозофија на Карловиот универзитет во Прага. Бил уметнички директор во радио, а од 1997 година работи во чешкото министерство за надворешни работи. Десет години бил дипломат во Естонија и Унгарија.
Негови дела се преведени на англиски, фински, унгарски, српски и други јазици. На македонски јазик му е објавен и романот „Пофалба на опортунизмот“ (Бата прес, Скопје, 2019)