Магазин 02. јули 2020. / 10:33

„Бата прес“ го објави романот „Теодосиј Малиот“ од познатиот романски писател и сценарист Разван Радулеску

„Бата прес“ го објави романот „Теодосиј Малиот“ од познатиот романски писател и сценарист Разван Радулеску

Во издание на „Бата прес“ на македонски јазик се објави романот „Теодосиј Малиот“ од познатиот романски писател и сценарист Разван Радулеску, кој за ова обемно сатирично дело ја доби престижната Европската награда за литература. Делото од романски го преведе Димо Н. Димчев (Дина Кувата), а неговото објавување во рамките на проектот „Креативна Европа“ е поддржано од Европската унија и Министерството за култура.

Најнеобичен детаљ во фантастичното кралство на Теодосиј Малиот е името на неговиот главен град ‒ Букурешт. Од тоа не е тешко да се заклучи дека целото кралство, различните поделби меѓу неговото население, како и борбите за власт што внатре се одигруваат, треба да се читаат како Романија вчера, денес, а можеби и утре. Проблемот е што за подобро да се сфатат поврзувањата со Романија би требало добро да се познава нејзината историска и сегашна состојба“, пишува за делото хрватскиот книжевен критичар  Дарио Малиќ.

Авторот Разван Радулеску (Rǎzvan Rǎdulescu) е роден 1969 година. Тој е еден од најценетите и најпопуларни романски писатели и сценаристи од средната генерација. Дал голем придонес  за развитокот на постреволуционерната романска кинематографија. Објавил два извонредно прифатени романи: „Животот и делото на Елија Казан“ (во 1997 година ја доби наградата на Друштвото на романските писатели за најдобар дебитантски роман), а „Теодосиј Малиот“ е добитник на наградата на Европската унија за книжевност во 2010 година.

Тотална сатира. Ликовите се како во научно-фантастичните филмови. Има големи случувања ‒ предавства, шпионирање, војна, револуција, љубов ‒ и сето тоа меѓу ситни суштества… мрави, риби, мачкокуче, змеј. Така е најдобро и да се чита и разбере. Како филмска сторија!“, е дел од коментарите во романските книжевни списанија.