Додека многу спортисти се прашуват како ќе ги завршат сезоните во своите првенства или како ќе ги спроведат летните подготовки, австриските скијачи добија зелено светло да се вратат на снегот. Првите нивни тренинзи се закажани веќе за идната недела.
Австриската скијачка федерација подготви план што ќе овозможи систематски процес за враќање на тренинзи по речиси седумнедели пауза. Тој план вклучува серија безбедносни мерки, а веќе доби одобрување од австриските власти.
Австријците ќе почнат да тренираат на глечерите на Ретенбах и тоа во мали групи, а претходно сите скијачи ќе мора двапати да поминат тестови за корона вирусот, еднаш пред да почнат тренинзите и еднаш пред да се вратат дома.
Нема да направиме ништо што ќе загрози некого, ниту здравјето на нашите спортисти, ниту здравјето на нашите граѓани. Ќе има максимална внимателност – за весникот „Кронен Цајтунг“ вели директорот на австриската скијачка репрезентација, Тони Гајгер.