Уште двајца тенисери кои ќе учествуваат на првиот грен слем турнир во сезонава на Австралија опен се позитивни за ковид-19, со што вкупниот број на заразени се искачи на седум, објавија денеска локалните здравствени власти.
Австралија опен треба да започне на 8 февруари.
Инфицираните пристигнале со три чартер летови од Абу Даби, Лос Анџелес и Доха, а сите патници од тие летови биле ставени во задолжителен карантин без можност за тренинг. Останатите играчи можат да се подготвуваат за турнирот пет часа на ден и да тренираат на назначените терени во Мелбурн, а остатокот од времето мора да го поминат во хотелските соби.
Играчите се револтирани, а премиерот на државата Викторија, Даниел Ендрјус изјави дека тенисерите нема да добијат посебен третман во строгите мерки за борба против коронавирусот.
-Знам дека многу се дискутираше за правилата. Но, правилата треба да ги следат сите, а играчите беа информирани пред да дојдат во Австралија. Нема да има посебен третман бидејќи вирусот не ги третира играчите поинаку, инсистира премиерот.