Магазин 28. август 2020. / 15:52

„Астерфест“ почнува вечерва со македонска премиера на филмот „Телефонско дежурство“

„Астерфест“ почнува вечерва со македонска премиера на филмот „Телефонско дежурство“

Јубилејното, 15-то издание на интернационалниот филмски фестивал Астерфест ќе се одржи онлајн. Фестивалот започнува вечерва под мотото „Движења, патеки“ и ќе трае до 31 август.

Прикажувањето на кусометражната филмска програма е планирано да започне со македонската премиера на осум минутниот краток игран филм „Телефонско дежурство“.

Соочени со препреките што ги наметна пандемијата, но и заради запазување на континуитетот, организаторите годинава се одлучиле за едно вакво видо изменето издание фестивалот, но со надеж и план за враќање на концептот со класичните проекции догодина.

Селекцијата на фестивалот оваа година е составена од 30-тина кратки филмови од разни страни на светот, но и од македонската продукција.

Во натпреварувачката програма има  и добитник на Оскар, звучни наслови и имиња од Европските филмски награди, БАФТА, Трибека, како и неколку врвни дебитантски дела. Исто како и во изминатите 14 години ќе бидат доделени златна, сребрена и бронзена потковица, награди за кои ќе одлучува интернационално стручно жири.

Годинава лауреат на престижната награда „Астер“  е легендата на балканскиот филм, режисерот Пиро Милкани. Тој наградата ја добива за неговиот монументален филмски опус.