Асоцијацијата на Ивент индустријата соопшти дека Комисијата за заразни болести одобри одржување на јавни настани, собирања, музички концерти.
Оваа одлука е резултат на повеќемесечно залагање и преговарање на Асоцијацијата
ИВАП а во последните недели и неформалното здружение на Културните Промотери и
иницијативата Музика сега.
Должни сме да соопштиме дека ние како Асоцијација но и другите групи предложија
протоколи за работа и според информацијата што ја добиваме од Комисијата, составен е еден
официјален протокол со кој наскоро ќе биде запознаена и јавноста. Драго ни е дека од страна на Комисијата беше согледана нашата сериозност и одговорниот пристап кон проблемот, што денес беше истакнато и во изјавата на министерот Венко Филипче.
Упатуваме голема благодарност до Министрката за финансии Нина Ангеловска и нејзиниот кабинет, Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори Мила Царовска и до сите останати кои беа подготвени да ги слушнат нашите барања и да се вклучат во изнаоѓање на квалитетно решение за нашиот сектор.
Ние остануваме одговорни компании кои се грижат за јавното здравје и ве уверуваме дека нашите настани можат да бидат безбедни за сите посетители, секако само ако сите сме одговорни и ги почитуваме протоколите. Секако апелираме и на останатите организатори на настани да се придржуваат и да ги почитуваат усвоените протоколи. Наскоро ќе ги објавиме и условите под кои ќе се одвиваат настаните. И како што постојано потенциравме, шоуто мора да продолжи, но секако во нови услови. Апелираме – носете маски, чувајте се и почитувајте ги мерките за заштита, стои во соопштението од ИВАП.