Американски научници открија дека најмалку 50 проценти од инфекциите со коронавирус се пренесуваат од луѓе без симптоми на болеста, објави весникот „Journal of the American Medical Association“, пренесува Бизнис инсајдер.
Заменик директорот за инфективни болести во Центрите за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) и водачот на истражувањето Џеј Батлер изјави дека резултатите од нивната студија ја поддржуваат важноста на носењето маски и придржувањето кон физичката оддалеченост.
За студијата, истражувачите ги класифицирале потенцијалните вектори на коронавирус во три групи: симптоматски, пресимптоматски (оние кои сè уште немаат симптоми, но ќе ги развијат) и асимптоматски.
Тие потоа развиле модел за тоа колку секоја група ќе го шири коронавирусот врз основа на денот кога луѓето се најмногу заразни. Тие го утврдиле петтиот ден на изложеност на коронавирус како основна вредност, бидејќи било утврдено дека е просечно времетраење на инкубацијата. Ова е време кога повеќето луѓе развиваат симптоми.
Моделот првично вклучува претпоставки дека 30 проценти од заразените се асимптоматски и дека нивната количина на инфективност е малку помала (75 проценти) во споредба со оние кои покажуваат или ќе развијат симптоми.
Според овие претпоставки, резултатите покажаа дека само асимптоматските лица се одговорни за 24 проценти од инфекциите.