Атанас Ристов има 52 години, а пред 20 го изгубил видот, како последица на болеста Макуларна дегенерација. За него, ретки се можностите да оди во музеј. Но, поставените тактилни слики во Археолошкиот , направени според оригинални артефатки , го будат кај Ристов интересот за истражување со прстите.
Од средновековен накит, преку прочуената „ Голема мајка“ и бокалот Изник, до „ Синијата“ , 10 тактилни слики даваат увид во богатото културно наследство од нашите локалитети. Поставени се во близина на оригиналите, а се откриваат преку допир и текст, со Брајово писмо.
А, со скенирање на QR кодот, содржините од тактилните слики се пренесуваат до видеа на Ју Тјуб, со аудио нарација и знаковен јазик, со што се достапни и за лицата со оштетен слух.
Инклузивноста и непречениот пристап до културното наследство за лицата се посебни потреби, се дел од препораките од проектот „ Пристапен музеј“, во кој е вклучен и Археолошкиот, низ соработката со Балканската музејска мрежа. Тоа дава надеж дека Атанас Ристов повторно ќе го посети ова место.