Магазин 16. ноември 2019. / 17:45

Антонио Бандерас отвори свој театар во родната Малага

Антонио Бандерас отвори свој театар во родната Малага

Шпанскиот актер Антонио Бандерас го отвори театарот што го основаше во својот роден град Малага со премиерата на мјузиклот „A Chorus Line“ во кој настапува и тој самиот.

За отворањето на театарот „Театро дел Сохо“ во Малага, јужна Шпанија, Бандерас избра дело кое зборува за анонимни уметници и за нивните страдања зад сцената.

– Претставата зборува за луѓе кои навистина ги поддржуваат мјузиклот и театарот, но нивните имиња не блескаат и не се познати на пошироката јавност – објасни Бандерас, кој игра еден од 26 актери во претставата.

Оркестар од 22 музичари директно ја следи претставата во новиот театар со повеќе од 800 места.

Бандерас (59) ја започна својата кариера во текот на 80-тите години во Шпанија. На 19 години, тој стана актер во Шпанскиот народен театар. Се истакна глумејќи во филмовите на режисерот Педро Алмодовар и во холивудски остварувања како „Атентатори“, „Интервју со вампирот“, „Десперадо“, „Филаделфија“ и „Маската на Зоро“.