НВО Мах го повлече „Однесено од виорот“ од нсвојата филмотека, соопштија американските медиуми. Тоа се случува во екот на масовните протести во САД, што избувнаа по смртта на Џорџ Флојд, невооружениот афроамериканец, кој беше убиен од страна на полицијата.
„Однесено од виорот“ (1939 г.), кој ја раскажува љубовната историја на Скарлет О,Хара и Ред Батлер за време на Американската граѓанска војна, се смета за филмска класика и е меѓу најпопуларните холивудски наслови на сите времиња. Истовремено, филмот правен според романот на Маргарет Мичел е и објект на долгогодишни противречности. Со децении беше изложен на критики за начинот на кој го опишува ропството, афроамериканците и југот во текот на Граѓанската војна.
Претставник на НВО Мах-новата стриминг платформа, сопственост на Warner Media, за Си-Ен-Ен изјави дека „Однесено од виорот“ е производ на своето време и прикажува некои од етничките и расните предрасуди, кои за жал биле општоприфатени во американското општество.
-Тие расистички сфаќања биле погрешни тогао, а и денес се такви. И ние сметаме дека прикажувањето на овој филм без објаснување и осуда на тие предрасуди би било неодговорно, изјави претставникот.
Тој појасни дека кога филмот ќе се врати во програмата на НВО Мах ,,тој ќе се врати со дискусија за историскитот контекст и објаснување за тие предрасуди“. Но, „Однесено од виорот“ нема да биде цензуриран, туку ќе биде прикажан така „како што е снимен, зашто да се направи нешто друго би било исто како да се тврди дека тие предрасуди никогаш не постоеле“.
-Ако сакаме да создадеме почесна, праведна и заедничка иднина, прво треба да ја признаеме и разбереме нашата историја, изјави претставникот.
Веднаш се појавија и првите критики за отстранувањето на филмот. На Твитер се јави Меган Кели, бивша политичка коментаторка на Фокс и NBC, која запраша „Каде ќе е крајот на тоа“?
Кели запраша дали сега нема да бидат повлечени и сите филмови во кои жените се претставени како сексуални објекти и „сите епизоди на „Пријатели““? Таа дополнува дека треба да си одат и „Игра на троновите“, „се од Џон Хјуз“, а исто и од Вуди Ален, Квентин Тарантино и Мартин Скорсезе“, додека на крајот не останат само серијата „Кралицата“ и „Капетан Америка“.
Својот став Кели го завршува со следната порака:
-Луѓето можат да ги мразат лошите полицајци, расизмот, сексизмот, предрасудите кон ЛГБТ заедницата, нецензурираните историски филмови, книги, музика и уметност, кои не ги претставуваат овие групи идеално. Но, ве молам, разберете дека уметноста го одразува животот…додека ние се развиваме, се развиваат и нашите културни критериуми.