Магазин 30. август 2020. / 14:13

Амир Ор, лауреат на „Златен венец“ на СВП: Македонија е престолнина на честа во холот на културата не само во Европа, туку и во светот

Амир Ор, лауреат на „Златен венец“ на СВП: Македонија е престолнина на честа во холот на културата не само во Европа, туку и во светот
13.03.2014. Amir Or pesnik iz IzraelaFoto:ANDJELKO VASILJEVIC

Годинешниот лауреат на Струшките вечери на поезијата – добитникот на Златниот венец, израелскиот поет Амир Ор, поради пандемијата,  не можеше физички да биде присутен на фестивалот.

Сепак, тоа не го спречи да и се обрати на јавноста и да се заблагодари за признанието кое му беше доделено, како и да  прочита 4 свои песни.

Во своето Послание, Ор нагласува дека се чувствува особено почестен и привилегиран што  станал член во една избрана група лауреати, кои му  претходеле.

Тоа е традиција што ја прави Македонија престолнина на честа во холот на културата не само во Европа, туку и во светот воопшто. Оваа награда, како ништо друго, ме натера да почувствувам дека мојата поезија е овде примена со слух и срце, како што тоа всушност поезијата и го заслужува. Иако поради пандемијата не сум физички со вас, кога ви се обраќам знам дека се наоѓам меѓу луѓе кои читаат поезија, имаат култивиран вкус и потреба од неа, како и почит кон уметноста на поезијата, луѓе кои ја разбираат нејзината длабока важност бидејќи таа ѝ дава глас на мудроста, убавината, креативноста и имагинацијата, на дијалогот помеѓу нас како човечки суштества и на нашата слобода да мислиме и да сочувствуваме едни за други.Поетите се носители на Новото. Токму затоа поезијата за мене е секогаш копнеж и потрага, затоа секогаш ја пишувам песната што не ја знам, а не песната што веќе ја знам. За мене, вистинската поезија е секогаш неочекувана, пишува славодобитникот Ор.

Амир Ор, роден во Тел Авив во 1956 година. Автор е на десет книги поезија.

Најновите книги објавени на хебрејски му се Музејот на времето (2007), Ѕверско срце (2010) и Пророштвата на лудакот (2012).

Неговите песни, преведени на повеќе од четириесет јазици, се објавени во антологии, списанија за поезија, како и во дванаесет книги во Европа и САД.

Ор е добитник на израелски и меѓународни поетски награди, меѓу кои се и Бернштајовата награда, Фулбрајтова награда за писатели, Премиерската поетска награда Леви Ешкол…

Добитник е и на неколку поетски стипендии, меѓу кои и кај Универзитетот на Ајова, Центарот за еврејски-хебрејски студии на универзитетот во Оксфорд, Литературниот колоквиум во Берлин, Фондацијата Хајнрих Бел во Ирска, и во замокот Хауторден во Шкотска.