Магазин 18. декември 2020. / 16:17

Актерот Гоце Тодоровски свечено прогласен за лауреат на театарскиот фестивал во Крива Паланка

Актерот Гоце Тодоровски свечено прогласен за лауреат на театарскиот фестивал во Крива Паланка

Актерот Гоце Тодоровски денеска свечено и официјално, во големата сала на Општина Крива Паланка, беше прогласен за лауреат на 12. Меѓународен театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски“.

Ова фестивалско издание нема да се одржи со концепцијата  репертоар со претстави, но денешната свеченост беше момент за одбележување за, како што беше кажано, сцената да не остане без здив.

-Посебна чест и задоволство ми е што имам можност да бидам денеска овде со дел од претходните лауреати на фестивалот, заедно да го прославиме долгогодишниот труд и љубов вткаени во организацијата на театарскиот фестивал низ годините од страна на сите инволвирани. А годинава, без претстави, некако како сите да ја имаме најважната улога, зашто треба да се избориме со КОВИД- пандемијата. Затоа е и годинашното мото на фестивалот „Маски под маски“, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Бројанчо Мицевски.

Гоце Ристовски, декан на ЕСРА, новинар, театролог и критичар, селектор на фестивалот, рече дека Тодоровски за најголемиот дел од критичарите важи како најдобар комичар во нашата држава, иако е истовремено одличен театарски и филмски актер.

-Според критичарите, а тоа и јас го тврдам, Тодоровски е нашиот најголем комичар, дури и го нарекуваат македонски Чарли Чаплин. Комедијата и трагедијата се едно исто, зависи само од кој агол ги гледате. Комедијата има сила како некој вирус, кој преживеал низа режими низ историјата, а преживеал и во најтешките времиња кога им влевал капка надеж на народот. Поради тоа, најтешко е да се игра комедија и затоа, ќе речам, Тодоровски е нашиот најталентиран актер во поново време, зашто тој е збир од таленти, истакна Ристовски.

За Тодоровски говореше и Благоја Чорески, кој рече дека да се говори за легенда како Гоце е тешко, но и лесно, а тој говореше за 40-те години во кои заедно се на сцената, театарска и филмска. Му порача дека задоволство е да се биде лауреат во Крива Паланка зашто овде, посочи, луѓето ги ценат вреднсотите.

-„Пикица“ и јас сме на штиците 40 години, така што сакам да говорам не за Гоце, туку за тоа кој сум јас кога со него заедно играм на сцената. Во „Викенд на мртовци“, сцена од 5 минути ја направивме 35-40 минути,  така што тоа наше заедништво ми е чест што трае се уште и радосен сум што денес сме тука заедно, рече Чорески.

Лауреатот Тодоровски истакна дека покрај бројните добиени актерски награди, оваа му е исто така многу значајна и, во негов стил, се пошегува дека редно време било да му ја доделат.

-Јас ви благодарам за се убаво што кажавте денес за мене, а кажавте многу. На мојата диплома пишува дипломиран актер, не комичар, но јас таа лична дарба за комедија сакав да ја надградувам и многу сум работел за да ја усовршам, за да бидам тоа што денес сум за што вие овде говоревте. Овде би сакал и да споделам една моја најубава случка кога по „Солунски патрдии“ големиот Петре Прличко ме повика во театар и ми рече „сега можам на раат да умрам“, рече Тодоровски.

Меѓународниот театрски фестивал „Св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка е поддржан од Општина Крива Паланка и Минситерство за култура.