Со девет одлложувања и осум одржани судски рочишта денеска, со завршни зборови на обвинителството и одбраната, во Основниот суд Скопје 1 завршува судскиот процес „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев.
Обвинителството уште еднаш ќе се обиде да презентира докази, кои според него се клучни за да се докаже дека Заев е виновен за барање поткуп од 200.000 евра од струмичкиот бизнисмен Никола Николов Сачевалиев.
Главни докази на обвинителството беа сведочењето на Николов кој во текот на постапката рече дека Заев, како градоначалник на Струмица, прво му побарал 300 илјади па после 200 илјади евра за купување на 100.000 квадрати земјиште во Струмица како и тоа дека е точно дека го наведувал Заев да изговара реченици според инструкциите на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Обвинителството за организиран криминал.
– Обвинетиот го снимав на закажаната средба во кабинетот на Заев. Првин МВР ме спреми, па потоа отидов на средбата. Како ќе ми наредеше обвинителот, така правев. Откако ја имав таа опрема на себе, јас го терав Заев тој да го каже тоа што го има на снимката – сведочеше меѓу другото Николов.
Друг доказ што во текот на судењето го изведе обвинителството беше тајната снимка што ја направил Николов во разговорите со Заев а мал дел од неа излезе и во јавноста на Јутјуб каналот.