Хроника 24. ноември 2018. / 14:44

Жална вест: Почина академик и истакнат член на МАНУ

Жална вест: Почина академик и истакнат член на МАНУ

Почина академик Боро Митриќески, еден од великаните на македонското вајарство и член на МАНУ.

Митриќески, како што е наведено во соопштението од Македонската академија на науките и уметностите, припаѓа на третата генерација македонските ликовни уметници, која внесе радикални промени во македонското пластично творештво, доближувајќи го до најзначајните актуелни токови на современото европско и американско скулпторство.

Роден е во Прилеп на 10 мај 1927 година. Откако првите сознанија за вајарството ги добива од академикот Димо Тодоровски, студира на Академијата за ликовни уметности во Загреб, во класата на врвни вајари. По дипломирањето работи како ликовен педагог. Бил директор на Уметничката галерија „Даут Пашин амам“.

Во својата богата творечка кариера академик Боро Митриќески има реализирано над 350 дела како фигури, актови, композиции, торза, потоа портрети и друго. Треба посебно да се нагласат изведените десет споменика и спомен обележја. На еден посебен начин ги овековечува во своите портрети и ликовите на Блаже Конески, Лазар Личеноски, Петар Мазев… Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и државаната награда ,,11 Октомври“ и наградата „Нерешки мајстори“. За редовен член на МАНУ е избран на 26 јули 1997 година.

По повод смртта на академик Боро Митриќески, во МАНУ ќе се одржи комеморативна седница во понеделник во 10 часот.