Возачот на црвениот автобус на “Дурмо Турс” Маноил Трифуновски денеска бил на распит во скопското обвинителство кое ја води истрагата за сообраќајката во која загинаа 15-мина . Според извори на ТВ24 од обвинителството, неговиот распит траел многу кратко. Засега е непотврдено дали повторно Трифуновски рекол дека не се сеќава или има друга верзија за трагедијата.
Во меѓувреме се чекаат листинзите од неговиот мобилен телефон, кои обвинителството ги нарача за да се провери дали пред несреќата разговарал со некого или користел апликација на телефонот. Тоа е едниот правец во кој води истрагата за оваа несреќа. Вториот е вештачењето на автобусот кое го вршат професори од Машински факултет, се утврдува во каква состојба бил Црвениот автобус кој излета од автопатот, дали бил технички исправен. Се собира и документацијата на компанијата Дурмо Турс, а паралелно се повикуваат на распит преживеани патници , очевидци на местото на несреќата.
Засега беше објавено дека тахографот покажал дека автобусот возел со брзина меѓу 80 и 85 километри на час. Но, и ова треба да се утврдува дополнително, дали уредот кој мери брзина бил исправен.