Во текот на изминатиот викенд во три угостителски објекти на подрачјето на општина Струмица констатирани се кривични дела, во еден угостителски објект констатиран е прекршок „пуштање гласна музика“, а во друг угостителски објект било констатирано присуство на малолетници подоцна од 24:00 часот предвидени во Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, информираат денес од СВР Струмица.
За сите сопственици на угостителските објекти кај кои ќе бидат констатирани прекршоци и кривични дела, Секторот за внатрешни работи-Струмица, согласно своите надлежности, ќе подготви соодветни поднесоци, а за правните лица ќе предложи изрекување на соодветни прекршочни и кривични санкции, стои во соопштението од полицијата.
Понатаму се додава дека СВР-Струмица во соработка со Државниот пазарен инспекторат, во претстојниот период ќе продолжи со преземање интензивни мерки и активности во угостителските објекти на подрачјето, насочени во делот на присуство на малолетници во угостителски објекти по 24:00 часот, непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, точење алкохолни пијалоци на малолетници , гласна музика и непочитувањето на работното време.
Полицијата апелира до сопствениците на угостителските објекти и граѓаните да ги почитуваат препораките од Владата и законските правила и прописи.