Вчера С.М. (68) од Велес пријавил дека во периодот од 18.05.2018 до 30.05.2018 година во неговата куќа на улицата „Јордан Џурнов” во Велес непознат сторител извршил тешка кражба.
Сторителот преку незаклучената влезна врата влегол на приземјето од куќата и со погоден алат го отворил малиот катинар на вграден ѕиден плакар, од каде одзел акт-чанта со две шифрирани брави во која имало 65.000 евра и разновидна документација. Потоа заминал во непознат правец.
Увид на местото извршила екипа од СВР Велес. Истиот ден во 21 часот во СВР Велес бил извршен разговор со 17-годишна малолетничка од Велес, внука на пријавителот, во присуство на нејзиниот татко и социјален работник.
Во 21.30 часот полициски службеници во хотелска соба, изнајмена од малолетничката, ја пронашле украдената чанта, која била оштетена и во која имало разни документи и поголема сума на евра.
За настанот бил известен јавниот обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, соопшти МВР.