Продолжуваат активностите на Министерството за внатрешни работи за целосно разоткривање на криминалната група составена од осуденици кои се занимавале со нелегална трговија на дрога и оружје, која беше разбиена вчера во полициска акција во струшко. Од МВР велат дека акцијата се’ уште трае и дека се очекува во наредните денови да бидат поднесени нови поднесоци.
Полицијата се сомнева дека криминалниот круг е поголем и дека во случајот се инволвирани и други лица. Уште во текот на вчерашниот ден, кога беа приведени осомничени затвореници и поранешни осудувани лица од струшко, МВР најави проширување на истрагата, со која е опфатен и еден полициски инспектор во полициската станица во Струга.
Освен внатрешната контрола која води истрага, се истражуваат и други аспекти од делувањето на полицискиот службеник и негова евентуална кривична одговорност, информираат од МВР. Оттаму не сакаа да изнесат повеќе детали во интерес на истрагата, бидејќи истата се уште трае.
Засега не се открива како функционирала криминаната група во која биле инволвирани најмалку шестмина осуденици, кај кои при полицискиот претрес вчера биле пронајдени пари и оружје. Двајца од нив биле затвореници во казнено поправната установа од отворен тип во Струга, каде вчера упадна полицијата. Нејасно е кој и како им дозволил да продолжат да вршат криминални дејствија од затвор.
Петмина од сомничените осуденици се приведени, додека по едно лице се’ уште се трага.
Непосредно пред акцијата во близина на затворот биле затекнати и двајца албански државјани без документи за идентификација, кај кои била пронајдена дрога марихуана, и тие се приведени.