Хроника 17. септември 2018. / 10:06

Викендот 34 сообраќајки во Скопје – 39 лица повредени

Викендот 34 сообраќајки во Скопје – 39 лица повредени

Во текот на изминатиот викенд на подрачјето на СВР Скопје се случиле 34 сообраќајни несреќи, информира СВР Скопје. Од нив, во две сообраќајки со потешки повреди се здобиле возач на мотоцикл и возач на автомобил. Во 22 сообраќајки полесно биле повредени 37 лица, а во 10 била причинета материјална штета.

Од СВР Скопје информираат дека викендов сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци. Полицијата казнила 120 возачи кои возеле со брзиона поголема од дозволената, двајца возачи поминале крстосница на црвено светло, а еден возач не дал првенство наминување на пешаците на обележан пешачки премин.

Еден возач бил казнет бидејќи неправилно се престоил, а уште еден за неправилно престигнување.

Полицијата казнила и 13 возачи на велосипед со мотор, мопед и мотоцикл бидејќи не носеле кацига.

Санкционирани биле и шест пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин. Од сообраќај, биле исклучени вкупно 75 возачи и 34 возила.

Од нив, 38 возачи го управувале возилото пијани, 33 возачи пред да се стекнат со право на управување на моторно возило и четворица возачи почетници, како и 34 нерегистрирани возила.

Затекнати биле 124 непрописно паркирани возила. Со помош на специјалното возило пајак, отстранети биле 92 возила.

По повод „Европската недела на мобилност“ денеска Одделението за превенција при СВР Скопје ќе реализира едукативни работилници од областа на сообраќајот во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“ на подрачјето на општина Кисела Вода.