Хроника 20. септември 2018. / 18:41

(Видео) Запален автомобилот на архитектот Златко Тодоров, забележани биле луѓе со фантомки

(Видео) Запален автомобилот на архитектот Златко Тодоров, забележани биле луѓе со фантомки

Утрово околу 4 часот бил запален автомобилот на архитектот Златко Тодоров паркиран на тротоар на улицата Христо Смирненски зад Универзалната сала во Скопје. Соседите велат дека забележале луѓе со фантомки како бегаат по улицата. Нема жртви ниту повредени, направена е само материјална штета.

Заедно со автомобилот изгорел и компресор на градежна компанија, кој исто така бил оставен на тротоарот, мали оштетувања има и кај уште неколку автомобили и искршени се прозорците на куќата пред која бил паркиран автомобилот. Архитектот Златко Тодоров, сопственик на градежната компанија „Кубус“, се сомнева дека подметнатиот пожар е поврзан со судски спор  за кој неодамна имало пресуда во негова корист.

„Тој што го направил овој чин е очигледно социопат. Сторителот немал предвид дека во близина има прозорци и дека луѓето спијат. Нивната вознемиреност е поголема жртва од автомобилот. Има еден процес што се води во Обвинителството, карактеризирани се сите тие. Се работи за злосторничко здружение, а ги има повеќе. Пред неколку дена имавме пресуда во наша полза и извршена е. Дали тоа може да се поврзе или не може, не знам. Нема други работи. Нема некои посебни личности кои можам да ги посочам, освен оние кои се  познати во јавноста, а институциите ги карактеризирале како злосторничко здружение. Се надевам дека на тоа здружение, по референдумот, ќе му дојде крајот. Има очевидци. Едниот сосед, кој се разбудил од бучавата, потврдува дека маскиран човек со запалива материја или направа в раце бил свртен кон автомобилот и бегал. Сега полицијата е на увид, а ќе биде процесирано согласно со законите. Имало експлозија од неексплозивна направа.

Претпоставувам дека тоа е некое шише со бензин што пукнало. Не експлозијата, туку бензинот е виновник за штетата на возилото. Противпожарната бригада била тука за 3-4 минути. Тие ефикасно реагирале. Да не биле тие, ќе имало пожар во станот што е на приземје и можел да биде опфатен. Девојката затворила прозорец, како што  ѝ кажале пожарникарите. За среќа, нема други материјални штета. За да направи ваков чин, човек треба да е малку ненормален. Социопатијата е работа што не можете да ја препознаете“, изјави за „Макфакс“ архитектот Тодоров.

За запалениот автомобил аларм кренало куче од соседството со вознемирувачко лаење. Соседите на Тодоров велат дека кучето почнало да лае кога забележало непознати лица на улицата, која важи за мирен дел од центарот на градот, а за кусо време го забележале и пламенот. Противпожарната бригада ја повикале соседите, кои велат дека слушнале и мала експлозија што ги распаметила. Утрово сите беа вознемирени и со страв дека сè можело да изгори ги гледаа остатоците од автомобилот и трагите од гасењето што ги оставила противпожарната бригада по целата улица.

Полицијата дојде да направи увид околу 10:00 часот.