Хроника 18. декември 2020. / 11:30

(ВИДЕО) Полицијата вадела гости од скопското кафуле „Мош“

(ВИДЕО) Полицијата вадела гости од скопското кафуле „Мош“
Exif_JPEG_420

Полиција интервенирала во кафе-барот „Мош“ во центарот на Скопје, откако инспектори од Државниот пазарен инспекторат биле спречени да го затворат објектот, кој бил пријавен дека работи по дозволеното работно време.

На социјалната мрежа „Твитер“ беше објавено и видео, во кое се вели дека откако дошла полицијата, околу 23 часот, дел од гостите скокале преку оградата и бегале од задната страна на кафулето за да не бидат казнети.

Според полицијата, во објектот не се почитувал протоколот за работа на угостителски објекти за исхрана и протоколот за отворање на кафетерии, како и здравствените прописи за време на епидемија, односно организиран бил концерт каде што помеѓу гостите не се почитувало дозволеното растојание од 1,5 до 2 метри и повеќето лица не носеле заштитни маски на лицето, и не биле исполнети и други одредби од пропишаните здравствени протоколи.

Во објектот имало пијани лица кои ги навредувале инспекторите. Интервенцијата била во 23 часот, односно два часа по дозволеното работно време, согласно препораките за заштита од коронавирусот.

Инспекторите ќе треба да одлучат на колку време ќе го затворат „Мош“, а законот дозволува тоа да биде од 10 до 30 дена. Дополнително, ќе се одлучува и за паричната казна од 300 до 3.000 евра која ќе треба да ја плати.