Хроника 05. октомври 2018. / 17:27

Уапсена криминална група која со фалсификувани документи криумчарела Македонци и Албанци во САД и Канада

Уапсена криминална група која со фалсификувани документи криумчарела Македонци и Албанци во САД и Канада

Во текот на вчерашниот ден, Министерството за внатрешни работи во координација спроведе координирана полициска акција за сузбивање на деветчлена криминална група која организирала криумчарење мигранти со фалсификувани патни исправи, а делувала на територијата на Република Македонија и Република Албанија, соопшти министерот Оливер Спасовски на прес-конференција.

Акцијата била спроведена во соработка со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и коорупција, егионалната канцеларија за безбедност и истраги при Амбасадата на САД во Република Македонија, Европол, Селек, како и полициите на Албанија, Австрија, Шпанија и Бугарија.

„Криминалистичката истрага се спроведуваше во изминатите 18 месеци. Криминалната група од Македонија беше идентификувана како дел од меѓународна организирана криминална мрежа составена од соработници од Албанија, Бугарија, Шпанија, Доминиканска Република, Хондурас, Гватемала и Мексико.

Членовите на оваа криминална група организирале криумчарење на повеќе групи на илегални мигранти со потекло од Албанија и Македонија со крајна дестинација САД и Канада. Криумчарењето го организирале за лица кои не можеле да добијат виза за патување кон наведените дестинации по регуларен пат и од истите барале и добивале паричен надомест во висина од 20.000 до 25.000 долари по лице“, појасни Спасовски.