Српскиот државјанин Милош Мичевиќ, кој работи како возач на туристички чамец во Камбоџа, уапсен е поради физички напад и обид за потпалување, пишуваат локалните медиуми.
Како што наведува весникот „Кмер тајмс“, Мичевиќ ги нападнал сопственикот на еден бар и еден вработен зашто „одбиле да му продадат пица“.
Откако ги натепал, тој полеал бензин по барот и се обидел да го запали, соопшти полицијата.
Шефот на локалната полиција кажа дека до кавгата дошло поради недоразбирање, бидејќи во барот веќе немале состојки за пица, а Мичевиќ мислел дека „не сакале да му продадат и дека е во прашање дискриминација“.
„Србинот доцна навечер влегол во барот и порачал пица, но не можел да ја добие зашто снемало состојки. Меѓутоа тој, кога видел дека другите муштерии веќе јадат, го обвинил сопственикот за дискриминација. Поради ова недоразбирање го нападнал сопственикот и се обидел да го запали неговиот локал“, рече Пол Псода.
Како што истакна тој, „да не реагирала брзо полицијата, локалот сосема ќе изгорел“.
Мичевиќ е обвинет за нанесување повреди и потпалување, а локалниот обвинител вели дека „имал среќа зашто огнот е навреме изгасен“