Основното јавно обвинителство денеска до надлежен суд поднесе обвинение против една жена за сторено кривично дело „трговија со дете“, а за истото кривично дело се обвинети уште две лица кои биле корисници на сексуални услуги во истиот случај.
Обвинителството утврдило дека во период од почетокот на декември минатата година до 06. февруари годинава, во Кавадарци, Радовиш, Штип и село Мислешево – струшко, обвинетата, со употреба на сила, закани и измама ја искористила немоќта на детето кое немало наполнето 14 години.
Жената ја експлотирала малолетничката во сексуални активности и за паричен или друг надоместок ја превезувала, ја продавала, ја нудела на продавање, ја засолнувала и организирала присилен брак на детето.
Другите двајца обвинети, иако знаеле дека детето е жртва на трговија со луѓе, ја искористувале и овозможувале на друг повеќекратно искористување за секс, со што го сториле кривичното дело за кое се товарат.
Како резултат за злоупотребата, девојчето останало бремено и било принудено да ја прекине бременоста.
Поради постапките на обвинетите детето во одреден временски период имало нарушена здравствена состојба, душевно трпело и чувствувала физичка болка од нанесени телесни повреди.
Заедно со обвинението, надлежниот јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судот доставил и Предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети.