Телата на таткото, мајката и двете деца од Бугарија кои вчера загинаа по пад на авион кај Солунска Глава се најдени во внатрешноста на „цесната“.
По наредба на јавен обвинител, Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје ќе врши обдукција, како и идентификација на жртвите во авионската несреќа, потврди за МКД.мк директорот на Институтот, Александар Станков.
Првиот човек на Институтот за судска медицина вели дека повикани се роднини на починатите и откако ќе биде направена обдукција, како и идентификација на жртвите, нивните тела ќе бидат предадени на најблиските.
Како што веќе објавивме, Георги Бошнаков и неговото семејство загинаа при падот на авионот „цесна” П210Н на 80 километри од Скопје, на планината Јакупица во близина на врвот Солунска Глава.
Бошнаков беше шеф на одделот за примена и одржување на информатичката технологија во Агенцијата за регистар. Авионот полетал од Охрид за Софија, а во 16,16 часот се прекинуваат врските со контролата на летање.
Во оваа авионска несреќа загина членовите на семејството Бошнакови: Георги Ангелов Бошнаков (1970), Гергана Бошнакова Георгиева (2005), Билјана Бошнакова Георгиева (2000) и Калина Корнајева Цонева (1972).
Авионот со германски регистрации бил во сопственост на Георги Бошнаков.
Екипи на МВР и на Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) заедно со јавен обвинител од утрово вршат увид на местото на авионската несреќа во која загина четиричлено семејство од Бугарија.
Поради тешко пристапниот терен увидните екипи на местото стасале со хеликоптери.