Хроника 16. октомври 2018. / 12:54

Страшна статистика: Во Македонија секоја година има по 8 фемициди

Страшна статистика: Во Македонија секоја година има по 8 фемициди

Регистрирани се 79 убиства на жени во последните десет години, покажа статистиката на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Во оваа бројка е влезено и завчерашното убиство во Мала Речица кога педесет и тригодишен тетовец ја застрела 52-годишната сопруга и избега. Најголем дел од овие убиства се фемициди, односно најтешка форма на насилство врз жени како последица на домашно насилство или интимно – партнерско насилство.

„Најмалку две третини од овие 79 убиства се фемициди и се извршени од сегашен или од поранешен партнер. Сè уште немаме точна бројка на фемицидите бидејќи во тек се анализите на убиствата на жени во Македонија“, изјави за „Макфакс“ Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Националната мрежа ќе ги презентира наодите од анализите на убиствата на жени во Македонија на крајот на месецов.

Министерството за внатрешни работи нема статистика за убиствата што се резултат на семејно насилство. Статистиката ја прави Националната мрежа против насилство врз жени преку обработка на податоците што ги добиваат од полицијата, од судот и од медиумите. Во анализата ги земаат предвид возраста на жртвата и на сторителот, односот што го имаат, статусот вработен/невработен, постоење на пријава во локална полициска станица и центар за социјална работа, метод на убиство, мотив, место на случување, психичка состојба на сторителот, висина на пресуда, времетраење на судска постапка, како и одбрана на сторителот и признавање на делото.

Националната мрежа против насилство врз жени веќе неколку години предупредува на пораст на фемицидот во Македонија.