Истрагата за „Рекет“ е во мирување поради одморот на обвинителката Вилма Рускоска и нејзиниот тим, но во јавноста секојдневно се отвораат нови сомнежи кои фрлаат нова светлина на случајот и го стеснуваат обрачот околу Боки 13, пренесе Канал5.
Дали потпретседателката на Меѓународниот Сојуз на Боки 13, Јасна Мандиќ Ерцеговиќ е главниот лик преку кој одел трансферот на парите за старечки домови кои никогаш не биле изградени? Сомнежите во јавност се отворија откако Лилјана Тодоровска, која се појавува како автор на идејата за модерниот европски пензионерски дом, за дел од медиумите тврдеше дека е измамена и ограбена, па со тоа се појавија и шпекулациите дека парите префрлени на нејзина сметка завршиле кај Јасна Мандиќ.
Канал 5 преку меил побара одговор од Мандиќ, која се појавува и како директор и малцински коспоственик на 1ТВ, дали на нејзина сметка биле исплаќани парите. Но не доби одговор на прашањата ниту пак таа даде коментар за целиот случај со рекетот.
Според досегашните информации идејата за изградба на пензионерски дом ја поддржала и струшката фирма „Дрим Билдинг“ која лани на Мандиќ и исплатила 233 илјади евра со авторски договор. Но откако поминале шест месеци, а Меѓународниот сојуз не ги обезбедил документите за отпочнување на проектот, струшката фирма си ги побарала парите назад. Претходно новинарот Бранко Героски пишуваше дека со Меѓународниот Сојуз на Боки 13 договор потпишала и фирмата „Пелистер“. Договорот предвидувал „Пелистер“ да исплати околу 1,5 милион евра во две рати, а за возврат Сојузот да ја обезбеди документацијата за почеток на градба на домовите за пензионери во Битола и во Охрид.
Првата рата била исплатена веднаш како хонорар, а втората требало да се исплати кога ќе се добие дозволата за градба. До ова не дошло и покрај ургенциите до општина Битола од Меѓународниот сојуз, нешто што можеше да се види од дописот до кој дојде Канал 5.
Дали Силјан Мицески, сопственикот на фирмата „Пелистер“, но и струшката „Дрим Билдинг“ се злоупотребени во зделки или од нив се изнудувани пари ќе покаже истрагата за случајот Рекет која треба да се интензивира во втората половина на август. На разрешница на целиот случај повика и пратеничката Фросина Ременски, која е почесна претседателка на Меѓународниот Сојуз а чие име како инволвирано се споменуваше во јавност.
Поддршка за целосна и транспаретна истрага околу евентуална вмешаност на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева даде и заменик – помошникот државен секретар на САД Метју Палмер.