Хроника 21. јануари 2020. / 12:56

Со маска на устата и нож во рацете се обидел да ограби аптека

Со маска на устата и нож во рацете се обидел да ограби аптека

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против едно лице за обид за разбојништво во аптека во Скопје.

– Обвинетиот се товари дека на 27.12.2019 година влегол во аптека на бул. „Климент Охридски“ и се заканил дека ќе ја нападне вработената која се наоѓала зад работниот пулт, па од неа побарал да му ги даде парите. Притоа, тој ставил маска на устата и ја откопчал јакната, а едната рака ја ставил во внатрешниот џеб каде што имал нож. Оштетената, исплашена за сопствениот живот, се стрчала кон магацинот, а обвинетиот тргнал кон неа. Во тој момент од магацинот излегол работник од агенцијата за обезбедување и го спречил обвинетиот во намерата да изврши разбојништво, соопшти Јавното обвинителство,

Надлежниот јавен обвинител до Судот доставил и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор, бидејќи оцени дека во конкретниот случај и натаму постои опасност обвинетиот да се даде во бегство, да влијае врз сведоците или да го повтори кривичното дело.