Хроника 30. март 2020. / 13:10

Скопјанец за време на полицискиот час одбил да застане за полициска контрола и продолжил кон Сарај

Скопјанец за време на полицискиот час одбил да застане за полициска контрола и продолжил кон Сарај

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлози за издавање казнени налози против две лица поради сторени кривични дела – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, информираат од Јавното обвинителство.

Едниот обвинет на 24 март во 23.50 часот не ја почитувал Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Македонија, донесена со цел да се спречи ширењето на корона вирусот,

Со патничко моторно возило „Фолксваген голф“ се движел по локалниот пат од Кондово кон Сарај. При обид да биде контролиран од страна на полициски службеници, обвинетиот 29-годишник, не застанал и продолжил да се движи – објаснуваат од Обвинителството.

Оттаму информираат дека вториот обвинет, пак, не ја почитувал самоизолацијата по враќањето од Бугарија.

Првиот обвинет, на 18 март, на граничниот премин Деве Баир, враќајќи се од Бугарија, потпишал изјава дека ќе се самоизолира во траење од 14 дена во неговиот дом во Крушопек. Но, не постапил според прописите и наредбите на Владата со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на заразната болест КОВИД-19. На 19 март, при полициска контрола, 42-годишниот обвинет не бил затекнат во неговиот дом – велат од Јавното обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител му предложил на Основниот кривичен суд Скопје на двајцата обвинети да им изрече парични казни од по 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.