Комунален редар од Град Скопје минатиот викенд бил истепан од граѓанин на кој му пишал казна оти се паркирал во зеленило во населбата Аеродром. Комуналните редари вршеле контрола низ општината и на булеварот Јане Сандански затекнале возило паркирано во трева. Пишувајќи казна за непрописно паркирано возило, редарите биле физички нападнати.
„Нашите редари и инспектори можат да пишуваат казни за паркирање во зеленило, додека за непрописно паркирање на улица немаме надлежност. Додека пишувале казна сопственикот на возилото оставено во трева го нападнал едниот редар и му удрил бокс. Направен е записник и случајот е пријавен во полиција“, вели раководителот на Инспекторатот на Град Скопје Мирослав Богдановски.
Богдановски вели дека ова не е прв пат инспекторите и редарите физички да бидат нападнати, а секојдневно се соочуваат со закани и одбивање да се легитимираат лицата кои направиле прекршок.