Хроника 30. октомври 2020. / 14:19

Приведени две лица од тетовско за измама и злоупотреба на лични податоци

Приведени две лица од тетовско за измама и злоупотреба на лични податоци

Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници од СВР – Тетово лишиле од слобода две лица од тетовско поради сомнение дека сториле кривични дела измама и злоупотреба на лични податоци.

– Вчера, во 14:00 часот полициски службеници на СВР – Тетово го лишиле од слобода А.З.(21) од с.Церово, тетовско, а во 16:30 часот, Р.М.(44) од Тетово, поради сомнение дека сториле две кривични дела „измама“ и „злоупотреба на лични податоци“, постапувајќи по пријава од 28 октомври2020 од Д.Б.(36) од Република Косово во Одделението за криминалистичка полиција – Отсек за економски криминал Тетово, според која едно лице во четири наврати успеалo да земе парични средства, преку фирми за брз трансфер на пари, во износ од 340 евра, 440 евра, 400 евра и 740 евра, информираат од МВР.

По преземените мерки и активности од страна на полициските службеници било констатирано дека станува збор за Р.М. од Тетово. – Притоа, според пријавеното, Р.М., преку телефонска комуникација, лажно се претставил и лажно прикажал факти дека блиски луѓе на Д.Б. имале сообраќајна незгода во Крива Паланка, во која починале, а паричните средства му требале за подигање на телата. Р.М., исто така, побарал парични средства од 400 евра и од Е.Б. од Р.Албанија, со изговор дека негов близок имал сообраќајна незгода во Охрид, а парите му требаат за да ги подмири трошоците во болница. Паричните средства биле подигнати од страна на А.З, соопшти МВР.

Покрај на споменатите пријавители, државјани од Република Албанија и Република Косово, Р.М. се сомничи дека минатата и оваа година бил инволвиран во десетина измами на лица од неколку градови од нашата земја ( Куманово, Охрид, Виница), употребувајќи измислени приказни за сообраќајни несреќи на нивните најблиски, откако претходно ги злоупотребувал нивните лични податоци и потоа барал и добивал парични средства за наводно пренесување на лекување или за погребување.

Р.М. задржан е во Полициската станица Тетово и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да бидат претпазливи во комуникацијата со непознати лица, која е најчесто телефонска, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги, да ги проверуваат податоците пред да станат жртви на измама, да не им даваат пари на измамниците и сите сомнителни случаи веднаш да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192. Министерството за внатрешни работи презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на пријавените сторители на измами.