Жител на Скопје заработи кривична пријава поради „кражба“ на дрва, а на тројца вработени во Подрачно шумско стопанство „Сандански“ – Македонски Брод поднесени им се кривични пријави за „злоупотреба на службена положба и овластување“, односно „несовесно работење во службата“.
Имено во текот на мај и јуни 2020 година, првопријавениот ги одвел второпријавениот – инженер во Подрачно шумско стопанство и третопријавениот – шумочувар во истото шумско стопанство, во атар на с.Василковци – Македонски Брод, на катастарска парцела која била во државна сопственост.
Второ и третопријавениот, без да утврдат кој е носител на правото на сопственост на парцелата, со службен чекан извршиле маркирање на повеќе дабови стебла. Првопријавениот, откако ги исекол маркираните дабови стебла, исекол и повеќе немаркирани стебла, а четвртопријавениот, референт за извоз на дрвна маса во истото шумско стопанство, исто така, без да изврши проверка, ги жигосал исечените дрва и му издал испратници на првопријавениот за да ја изнесе дрвната маса од парцелата. На тој начин првопријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 145.950 денари.
-ОВР Македонски Брод поднесе кривична пријава против Ѓ.В.(74) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“ на дрва, против З.М.(54) од Македонски Брод, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и против В.К.(46) од с.Битово, Македонски Брод и С.Т.(56) од с.Требино, Македонски Брод, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата, стои во билтенот на МВР.