Хроника 13. мај 2020. / 16:21

Прекршители на полицискиот час низ цела Македонија: Одредени им се различни парични казни

Прекршители на полицискиот час низ цела Македонија: Одредени им се различни парични казни

Низ цела Македонија се забележани случаи на граѓани што не го почитувале полицискиот час и биле надвор од своите домови во време кога движењето е забрабнето.

Основното јавно обвинителство Велес до велешкиот Основен суд поднело предлози за издавање казни во висина од по 800 евра против 11 лица кои го прекршиле полицискиот час.

Лицата го прекршиле полицискиот час и биле затекнати како без дозвола се движат на различни локации низ градот спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Македонија – се вели во соопштението од ОЈО.

Велешкото обвинителство предложи на обвинетите да им се изречат парични казни во висина од по 40 дневни глоби во износ од по 20 евра, односно вкупни казни од по 800 евра во денарска противвредност.​

Лицата се товарат за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

По 500 евра казна за четворица штипјани

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство-Штип, поднел предлози за издавање казни во висина од по 500 евра против четири лица од Штип што не го почитувале полицискиот час.

На лицата им се става на товар дека не ги почитувале мерките за забрана за движење и во време на полициски час, без дозвола се движеле на различни места во градот, при што сториле кривично дело Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од чл. 206 став 1 од КЗ – се вели во соопштението од ОЈО.

Обвинителството му предложи на Основниот суд Штип на обвинетите да им биде изречена парична казна во висина од 500 евра во денарска противвредност, односно по 50 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да изнесува 10 евра.

Двајца дебрани го прекршиле полицискиот час

Двајца жители на Дебар се обвинети за непочитување на полицискиот час, информираат од Јавното обвинителство.

Во одделни кривично-правни настани, обвинетите биле затекнати како се движат надвор од своите домови за време полицискиот час, без да поседуваат дозвола за тоа. Со ова тие постапиле спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Македонија – соопштија од обвинителство.

Јавниот обвинител за секој од обвинетите предложи парична казна од 10 до 100 дневни глоби.

Казни за двајца тетовци

Две лица од Тетово во изминатото деноноќие не ја почитувале забраната за движење во време на полициски час, соопштија од ОЈО Тетово.

По доставените кривични пријави против две лица, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство-Тетово до Основниот суд-Тетово достави предлог за издавање казнени налози за двете лица. Лицата се обвинети дека сториле кривично дело Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, предвидено и казниво во член 206 став 1 од Кривичниот законик – информираат од Обвинителство.

Обвинителството му предложи на судот на обвинетите да им изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби.