Хроника 09. септември 2020. / 14:42

Пожарот ја уништи целата документација на Инспекторатот за животна средина

Пожарот ја уништи целата документација на Инспекторатот за животна средина

Не знаеме што е зачувано од компјутерите, а што не. Ова ќе биде огромна штета за нас, само мојата канцеларија не е уништена, вели за „360 степени“ директорот на Инспекторатот, Фејзула Спахија.

Во пожарот што денеска изутрина ја зафати зградата на поранешна Комерцијална банка најмногу штета претрпе Државниот инспекторат за животна средина. Огнот, кој според првичните информации настанал од дотраеност на електричната инсталација, ги проголтал архивата на Инспекторатот и дел од канцелариите. Дополнително, при гасење на пожарот од водата се уништени и дел од компјутерите и инвентарот во канцелариите на инспекторите, вели за „360 степени“ директорот на Инспекторатот, Фејзула Спахија.

„Ни се отвори голем проблем, изгоре целата документација. Последните предмети се кај инспекторите, но и таму пожарникарите интервенирале со вода. Не знаеме што е зачувано од компјутерите, а што не. Ова ќе биде огромна штета за нас. Само мојата канцеларија не е уништена. Ќе побарам средба со министерот за животна средина за да ни најдат простории каде би можеле да се сместиме. Целокупната штета допрва ќе ја проценуваме“, вели Спахија за „360 степени“.

Тој не верува дека пожарот е подметнат.

Во надлежност на Инспекторатот, меѓу другото, е контролата на уредувањето на речните корита, хидроцентралите, индустриските капацитети, увозот на отпад – области за кои континуирано има жестоки реакции во јавноста. Инспекторите ги вршат контролите на терен и можат во секој момент да ја побараат неопходната документација од правното лице.

Командантот на противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, по локализирање на пожарот, изјави дека причината, најверојатно, лежи кај електричната инсталација.