Хроника 14. декември 2018. / 23:05

После шест месеци погребани двајцата мигранти што загинаа кај Радовиш

После шест месеци погребани двајцата мигранти што загинаа кај Радовиш

По шест месеци, институциите конечно ја завршија процедурата и го одобрија погребот на Сухел Ахмет од Шри Ланка и Ахмет Шакир од Бангладеш, а нивните посмртни останки денеска беа погребани на гробиштата во Бутел, пренесува Нова.

Двајцата мигранти загинаа на 25 јуни во сообраќајна несреќа на автопатот во близина на градот Радовиш.

Ги повикуваме институциите да останат на патот на човештвото. Ниту едно човечко суштество не заслужува да го чека своето место за почивање, тие имаат права дури и ако не се живи. Нашите молитви се со нивните семејства. Што и да пишуваме, нема да ја утеши нивната тага. Овие две млади момчиња само сакаа подобра иднина и од денес нивното последно засолниште на овој свет ќе биде нашата Македонија“, напишаа од невладината организација Легис.

Инстуционалниот лавиринт во кој се префрлаше топката за тоа кој треба да ја преземе одговорноста за нивниот погреб траеше точно шест месеци.

Пред два дена откако обвинителката која го води случајот испратила допис со кој се потврдува дека телата се идентификувани и дека може да се погребат, Центарот за социјална работа на Скопје ја превзема одговорноста за погребот и за сите трошоци кон АД Бутел за времето додека телата биле чувани во капелата.

НОВА го откри овој случај во септември годинава, по што зема и поширок медиумски публицитет. По истражувањето на НОВА и под притисок на јавноста, по половина година телата денеска беа погребани.

За тоа време за случајот се дозна и надвор од границите на државата, а Македонија беше посочена како земја која ги прекршува човековите права.