Основниот кривичен суд – Скопје информира дека поради доставено решение за изолација на еден од обвинетите во случајот „Таргет/Тврдина“ е одложена расправата.
Од судот наведуваат дека иако судот претходно ги поучил странките дека може да побараат раздвојување на постапката за денеска отсутниот обвинет тоа не било прифатено од надлежниот обвинител. Од истите причини, според Судот, се одложува и расправата закажана за 16 ноември.
Од Судот ги информираат сите оштетени кои биле повикани на денешната расправа или за расправата закажана за 16 ноември дека можат писмено да се произнесат за евентуално отштетно побарување.
-Во однос на главната расправа за предметот со КОК бр. 47/17 од обвинителството означен како „Таргет/тврдина“ ја информирме јавноста дека на денешната расправа одбраната достави решение за изолација на претпоследно обвинетиот В.И. и побара одлагање на расправата. Заради економичност и целисходност на постапката како и почитување на правата и обврските на странките во постапката за судење во разумен рок, судот ги поучи странките дека може да побараат раздвојување на постапката за денес отсутниот обвинет, но истото не беше прифатено од надлежниот јавен обвинител, соопшти денеска Основниот кривичен суд Скопје.
Со цел доследно почитување на протоколите за заштита на сите граѓани кои влегуваат во судот од ширење на вирусот КОВИД – 19 во време на пандемија, судот ги информира сите оштетени кои беа повикани на денешната расправа, како и сите оштетени кои се повикани за расправата насрочена за 16.11.2020 година, која се одлага заради истите причини, дека можат во писмена форма да се произнесат за евентуалното отштетено побарување.
-Оштетните, во писмениот поднесок, треба да ги наведат нивните лични податоци и бројот на предмет ( КОК бр. 47/17) и нивна изјава дали бараат оштета во постапката, и во два примерока да ги достават на шалтерот на судот секој работен ден од 08.00 до 14:30 часот, се појаснува во соопштението од Судот.